Контролорите на летање се закануваат со штрајк, ако продолжат партиските вработувања во М-НАВ

Во известување до раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) бара да се поништи последниот оглас за нови вработувања и да се испочитуваат обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк.

Од Синдикатот повикуваат да се пристапи на итна реализација на неисполнетите точки од Спогодбата најдоцна до крајот на месецов, а во спротивно најавуваат реактивирање на штрајкот на 10 јули.

Во известувањето до УО на М-НАВ се наведува дека состојбата во М-НАВ е влошена, како резултат на сериозно нарушени меѓучовечки односи, блокирани процеси за јавни набавки, неуспешна транзиција на нови технички системи, прекршување на одредби од Колективниот договор, тајни и неосновани измени во систематизацијата, отворање несуштински работни позиции и прераспоредувања без запазување на актите на друштвото до раководството, како и непочитување на точки од Спогодбата помеѓу М-НАВ и ССКЛ од 13.07.2023 која беше основа за ставање на штрајкот во мирување.

Синдикатот во известувањето доставено на 16. месецов реагира и на неодамна објавениот оглас за нови вработувања во М-НАВ, за кои оценува дека „не одговараат на реалните, итни и суштински потреби на компанијата“.

 

 

 

slobodnaevropa.mk