Координативното тело за пописот на Турците во Северна Македонија побара поништување на резултатите

Националното координативно тело за пописот на турската заедница во Северна Македонија, денеска до Државниот завод за статистика (ДЗС) достави Приговор со факти и аргументи дека целиот попис е спроведен против уставните и законските одредби и дека бараат резултатите од пописот да се поништат и тој да се прогласи за невалиден, јавува Агенција Анадолија (АА)

Претседателот на Сојузот на турските невладини организации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин, пратеникот и претседател на Демократската партија на Турците, Бејџан Илјас и претседателот на Движењето на национално единство на Турците, Ердоган Сарач, денеска доставија Приговор до Државниот завод за статистика во врска со реализираниот Попис на населението и објавените резултати.

Хусрев Емин, координаторот на Националното координативно тело за пописот на турската заедница истакна дека резултатите и процентите објавени на 30 март 2022 од страна на Државниот завод за статистика не ја претставуваат вистинската слика за турската заедница во земјата, односно бројките и процентите се потценети.

„Како Национално координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија, денеска доставивме Приговор со факти и аргументи дека целиот попис е спроведен против уставните и законските одредби. Исто така, прекршени се многу права што се наведени во Уставот на Република Северна Македонија. Бараме од Државниот завод за статистика да ги поништи резултатите на пописот и тој да се прогласи за невалиден“, нагласи Хусрев Емин.

Хусрев Емин, исто така, нагласи дека во неколку наврати пред и за време на пописот побарале средба со директорот на Заводот за статистика, но никако не добиле позитивен одговор од директорот.

Пратеникот во Собранието на Северна Македонија и претседател на Демократската партија на Турците, Бејџан Илјас, истакна дека денеска не се тука емотивно да го застапуваат својот народ, туку дека тука се со факти и аргументи изнесени на повеќе страници да достават приговор до Заводот за статистика.

Текстот во целост на: Агенција Анадолија (АА)

фото: Агенција Анадолија (АА)