Корупцијата во затворите е на многу високи ниво. Со пари лесно се доаѓа и до дрога и до мобилен телефон. Првиот човек на Управата за извршување санкции, Александар Пандов вели дека со директорите на затворите се решени да се борат до крај против овие појави. „Точно е дека таа битка е тешка и имаме работа со, буквално вмрежени и затвореници и одреден број на вработени во затворите,но тоа додека сме ние раководни лица ќе ја тераме таа битка“, порача Пандов на прес-конференција во Владата.
Првиот човек на Управата за извршување санкции смета дека проблемот со телефоните, дрогата и останати недозволени работи по затворите може да се реши, но само доколку има казнивост за корумпираните затворски полицајци, кои според негови проценки, во некои затвори се и над 50 проценти. Тој најави кривични пријави против затворски полицији во КПД Штип, кои се осомничени дека му помагале на затвореник во барање дрога префрлена во дворот на затворот.
Мрежа на чувари и затвореници
„Имаме работа со вмрежена група на вработени по затворите и затворениците. Ако успееме дел по дел да ги отстраниме корумпираните во затворскиот систем, можеме да го решиме проблемот со телефоните, дрогата и со другите недозволени предмети. Се додека ги имаме нив и додека тие сметаат дека неказниво може да поминуваат, ќе имаме и телефони, и дрога, и недозволени предмети“, рече Пандов.
За споредба, тој посочи дека во Северна Македонија за девет месеци се најдени околу илјада телефони, додека во Хрватска во 2023 година само 26 мобилни телефони, а во Косово 51 телефон во 2024 година.
„Имаме наследено исклучително корумпиран систем, но она што радува е дека има силна желба да се справиме со тој криминал“,рече Пандов.
Блокатори и алки
Во однос на тоа дали е подобро да се стават блокатори како решение за мобилните телефни, Пандов смета дека проблемот е во тоа што најголем дел од затворите се опкружени со објекти и доколку се стават блокатори, ќе бидат блокирани и телефоните на граѓаните кои живеат или работат во овие објекти. „Во Хрватска нема блокатори и нема телефони. Мене ме уверуваат сите кои се долги години во затворскиот систем дека нема подобра работа од правење претреси“, рече Пандов.
Завршени се и сите процедури околу алките за затворениците, па се очекува во наредните неколку недели да бидат ставени во функција. Со зелено светло од Министерството за финансии, ќе се вработуваат и над 170 лица во затворите, од кои најголем дел се затворски полицајци.
DW