Косовската полиција од полноќ им дели предупредувања на возачите чии возила имаат регистарски таблички со ознака КМ на сите гранични премини во Косово, повикувајќи ги да ги пререгистрираат своите автомобили со таблички РКС. Се предупредуваат и возачите кои полицијата ги запрела поради контрола во внатрешноста на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља ги повика граѓаните да ги пререгистрираат возилата со регистарски таблички РКС. Тој додаде дека на овој начин ќе се придонесе за јавната безбедност и враќањето на редот и законот во државата.
„Ги охрабрувам граѓаните да не останат заложници на политички интереси и криминални групи, туку да ги користат сите капацитети и да ги регистрираат своите превозни средства во центрите за регистрација, без разлика на живеалиштето и локацијата. Владата на Република Косово е посветена на обезбедувањето на сигурноста и владеењето на правото низ целата земја за сите нејзини граѓани“, рече Свечља.
Од 21 ноември ќе се применуваат таканаречените пробни регистарски таблички, а ден потоа табличките КМ целосно ќе бидат отстранети од употреба.
Текстот во целост на:Агенција Анадолија (АА).