Косовската полиција пронајде поголемо количество оружје во близина на Звечан, во северно Косово

Косовската полиција вчера во околината на Звечан, во северно Косово, пронајде поголемо количество оружје и воена опрема, известува Анадолу.

На вонредната конференција за новинарите во просториите на Регионалната полициска управа на Северна Митровица, министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, соопшти дека оружјето е пронајдено врз основа на информации на некои граѓани и на Косовската разузнавачка агенција.

Свечла наведе дека терористичките групи планирале да го користат пронајденото оружје за напади на косовските институции, пред сѐ врз припадниците на Косовската полиција.

„Овој арсенал оружје е остатокот од оружјето на терористичката група предводена од Милан Радојчиќ, финансирани, диригирани и поддржани од претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Ова е петти склад што го откривме во текот на една година, што е уште еден доказ за директната вклученост на државата Србија во тенденциите да се дестабилизира Косово, со цел негова реокупација или на некои негови делови“, рече Свечла.

Тој истакна дека сите што се вклучени во насилни и терористички акти, сите оние кои го загрозуваат уставниот поредок и ги кршат законите, порано или подоцна, ќе бидат изведени пред лицето на правдата и ќе бидат осудени за делата што ги извршиле или планирале, со цел загрозување на безбедноста на Република Косово.

Генералниот директор на Косовската полиција, полковник Газменд Хоџа, рече дека во близина на железниот мост кон Рудар, кај Звечан, во тек на претрес се пронајдени оружје и воена опрема.

„Денес се запленети 1.588 парчиња муниција, 10 парчиња оружје со долга цевка, од кои 6 пушки K-47, 2 лесни митролези, една полуавтоматска пушка Шатган, 62 парчиња шок-бомби, 1,5 килограми пластичен експлозив, двоглед, 4 радиоврски, еден придушувач, резервна опрема за радиоврска, 333 полни шаржери, 8 празни шаржери, 7 маски, 1 гас-маска, 1 панцир, 2 плочи против куршуми, 1 униформа на српската војска, 10 униформи на косовската полиција, делови на униформи, 1 шатор, опрема за дрон и резервна опрема за оружје“, соопшти Хоџа.

Тој наведе дека во тек е интервју со едно лице, поранешен косовски полицаец, кој се доведува во директна врска со оружјето пронајдено во близина на куќата во која тој работи.

Вооружена група Срби, предводена од Милан Радојчиќ, тогашен потпретседател на Српската листа, на 24 септември минатата година во Бањска, кај Звечан, ја нападнаа Косовската полиција и убија еден косовски полицаец. Во размената на истрели со полицијата, настрадаа тројца напаѓачи.

извор:Анадолу.
фото:Анадолу.