Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов преку својот Фејсбук профил информира дека издал наредба за вонредни контроли на сите објекти низ градот.
Како што вели, во училиштата и градинките секој месец ќе има вежба за евакуација.
„Од длабочината на моето срце и душа уште еднаш изразувам најискрено сочувство до семејствата на загинатите, а на сите повредени им посакувам побрзо закрепнување.
Ред и почитување на законските прописи мора да има!
Денеска одржав повеќе состаноци со директори, раководители и инспектори за преиспитување на правилниците, плановите, проценките од ризици од пожари, експлозии и други непогоди во сите училишта и градинки, најмалку еднаш месечно да се прават вежби за евакуација и секое дете и персоналот да бидат подготвени и да знаат како да се заштитат.
На состанокот со општинските инспектори, претставниците на Секторот за урбанизам и комунални работи и Даночното одделение се доворивме за започнување на заедничка вонредна темелна контрола на сите угостителски објекти (кафулиња и дискотеки) со темелна проверка на сите дозволи, решенија и согласности коишто треба да ги имаат од општинските органи. Таму каде што ќе се утврдат неправилности, а за кои ние сме надлежни, дури и кај што немаме надлежност како Општина ќе ги известиме државните органи, ќе им дадеме рок да се поправат, доколку тоа не го направат, ќе бараме да бидат затворени.
На состанокот донесовме заклучок дека ниту еден клуб за кој Министерството за економија издало согласност, а која не одговара со намената во Секторот за урбанизам, ќе следува соодветна пријава во СВР Струмица и пазарната инспекција и кои ќе треба да одговорат како и зошто им дале лиценци за работа.
Денеска од моја страна се потпишуваат наредбите до сите општински инспекторати по кои веднаш соодветно ќе постапуваат. Сите заедно со професионално извршување на нашите работни задачи и обврски и со почитување на законските обврски можеме да создадеме безбедна заедница и живот без страв за нас и нашите деца“, вели Костадинов.