Ако Украина чека толку колку што Северна Македонија чека почеток на преговори со ЕУ, тогаш Украина би ги започнала преговорите во 2045 година. Таа е тажна приказна на Балканот, заедно со Косово и со Босна и Херцеговина, вели во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), еврокомесарката за проширување на Европската комисија, Марта Кос.
Таа изрази надеж дека до крајот на нејзиниот мандат како комесар во Европската комисија, позиција што ја презеде во септември 2024 година, Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на Европската Унија.
Нормализацијата на односите на Косово со Србија е предуслов за Косово да добие статус на кандидат и да го започне процесот на членство во Европската Унија (ЕУ), вели Кос.
Косово аплицираше за членство во ЕУ на 15 декември 2022 година и сега останува единствената земја во регионот која сè уште нема статус на земја-кандидат.
Зборувајќи за можноста за разговор со Милорад Додик, прорускиот претседател на Република Српска, Кос наведува дека „е тешко да се разговара со некој што работи против интересите на својата земја“.
РСЕ разговараше со оваа политичарка од Словенија пред нејзината посета на Србија. Во таа земја Кос доаѓа во момент на политичката криза што започна пред шест месеци по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад и смртта на 16 лица, како и протестите против корупцијата што следеа, прво од студенти, а потоа и од масовни протести на граѓани.
slobodnaevropa.mk