Коцевски не дава оставка:Одлуката ја оставам на политичарите

„Ако се утврди тешка дисциплинска повреда самиот ќе се повлечам. Јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин“, порача републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски откако премиерот Христијан Мицкоски побара од него да ја напушти функцијата, бидејќи „имал доволно можност да се покаже како безкомпромисен борец за правда“, но дека таа доверба не ја оправдал.

Коцевски вели дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители на Северна Македонија.

„Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сѐ уште ќе работам согласно Законот. Условите доколку се исполнети согласно Законот за Јавно обвинителство, стојам на тоа и нека ме разрешат. Меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно законот, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на (не)законит начин“, порача Коцевски.

Изјавите следат по седницата на Советот на јавни обвинители, кој најави дека на следната седница ќе одлучува по барањето на јавната обвинителка Наташа Крстевска Цалева да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на нејзиниот претходник Мустафа Хајрулахи. Смената следеше откако Коцевски во декември минатата година, достави предлог за поведување дисциплинска постапка против Хајрулахи и уште еден јавен обвинител поради неправилности во работењето.

Коцевски потоа застана зад .изборот на Цалева како наследник на Хајрулахи, што според Владата е еден од неколкуте потези коишто биле пресудни за барањето за негова оставка.

Нарушени односи
Републичкиот обвинител вели дека меѓучовечките односи во Вишото јавно обвинителство Скопје се нарушени и токму поради тоа ја предложил јавната обвинителка Наташа Крстевска Цалева за функцијата. Според него, станува збор за јавен обвинител со интегритет.

Коцевски е изненаден од нејзината одлука да се повлече, кратко време по преземањето на функцијата. „Не знам кои се вистинските причини“, вели тој. Обвинителката во писмено барање, во една реченица, образложила дека бара да биде ослободена од вршење на овие обврски за да се посвети на работење на предмети.

Тој негираше судир на интереси во врска со неговото членство во Советот и изјави дека не постапува во предмети, туку врши менаџерска работа. „Во јавноста треба да се види по кои предмети сум постапувал незаконито за да се произнесам. Јас не одам на судење, не постапувам во предмети, така што само ја вршам главно менаџерската работа и околу одредени работи коишто се предвидени согласно Закон за јавно обвинителство“, рече тој.

 

 

DW