Коцевски: Прегазувањето на Фросина е кривично дело со умисла

Прегазувањето на Фросина Кулакова од Неготино е кривично дело со умисла, рече јавниот обвинител, Љупчо Коцевски на прес-конференција на 3 февруари.

„Се преземаат сите дејствија за обезбедување докази за овој кривично правен настан. Обвинителството во овој случај против осомничениот води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот“, рече Коцевски.

За прегазувањето на 22-годишната Фросина, осомничен е 20-годишниот скопјанец Васил Јованов. Обвинителството соопшти дека тој никогаш не поседувал возачка дозвола, а во моментот на трагичниот настан бил во алкохолизирана состојба.

По барање на обвинителството, Кривичниот суд следниот ден по несреќата му одреди 30 дневен притвор на Јованов. Но, веднаш по тоа на социјалните мрежи се појавија негови фотографии каде тој држи мобилен во рака, по што Управата за извршување санкции направи претреси во келиите.

Информациите дека тој им бил познат на органите на прогонот од претходно, предизвикаа револт кај граѓани кои излегоа на протести барајќи „правда за Фросина“. Прво протестираа низ центарот на Скопје, потоа во родното Неготино на девојката, па во Кавадарци и повторно во Скопје, на 2 февруари, каде се движеа од булеварот „Партизански одреди“ до Кривичниот суд со паролата „Секој еден може да е следен“.

Во 2015 година, на истиот булевар „Партизански одреди“ беше прегазена студентката Фросина Цековска од 26-годишен возач возач кој исто така беше под дејство на алкохол и возел со брзина поголема од дозволената.

Во јануари 2022 беше прегазена и Викторија Николова од Радовиш. 22-годишниот возач, според Обвинителството, возел со поголема брзина од дозволената кога ја прегазил 24-годишната Николова.

 

 

slobodnaevropa.mk