“Кој е следен“ бара јавно објавување на документацијата за дискотеката „Пулс“

Одговорност за трагедијата во Кочани, но и за случаите со „Беса транс“, „Дурмо турс“, модуларната болница во Тетово, побара граѓанската иницијатива „Кој е следен“. Во пресрет на собирот, оттаму им порачаа и на власта и на опозицијата дека не сакаат политичка, туку институционална поддршка.

Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ побара јавноста да ја добие на увид целокупната документација за постапувањето на институциите за работата на дискотеката „Пулс“ во изминатите за 13 години, во која животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени. Протестот беше организиран пред Собранието во знак на револт кон пратениците кои решија две недели да не работат, да не одржуваат седници, ниту да работат собраниските комисии.

Ова барање го искажаа на собирот пред Собранието, кој започна со едноминутно молчење во чест на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани.

Сомневајќи се дека правдата за несреќата ќе излезе на виделина, од „Кој е следен“ бараат јавност на документацијата и записниците од сите засегнати институции во случајот – Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Државниот градежен инспекторат, МВР, Државниот инспекторат за урбанизам, општина Кочани и локалниот градежен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, УЈП и телото за безбедност и превенција при градот.

Според Борјан Ефтимов, кој е дел од иницијативата „Кој е следен“, ова барање е во рамки на законите и треба јавно да се објави.

 

Slobodnaevropa.mk