Поканата за посета на Берлин за грчкиот премиер Киријакос Мицотакис беше добредојдена пауза од тешкото секојдневие на домашен политички план. На 13 мај 2025 година Економскиот совет на ЦДУ го одликува со златниот медал „Лудвиг Ерхард“. Конзервативниот политичар доби притоа шанса на новиот канцелар Фридрих Мерц да му ги претстави своите успеси со економскиот раст (2,3 проценти во 2024 година) и со намалувањето на невработеноста (9,5 проценти во 2024 година).
Меѓу добитниците на комеморативната монета „Лудвиг Ерхард“ е и покојниот поранешен германски министер за финансии Волфганг Шојбле, кој за време на кризата со еврото жестоко инсистираше на тоа Грција „да си ја заврши домашната задача“. Па така во 2025. година актуелниот шеф на грчката влада се претстави како премиерот што си ја завршил домашната задача – и за тоа доби многу пофалби.
Канцеларот Мерц беше воодушевен од „храброста за реформи“ на владата на Мицотакис. Тој експлицитно го пофали враќањето на шестдневната работна недела во Грција. „Грција презема многу повеќе кога станува збор за прашањето на работното време во текот на неделата и може да научиме нешто од Грција“, рече Мерц.
Средбата на Мицотакис со Мерц сепак имаше и непријатни аспекти, особено што се однесува до темите бегалци и миграција. Теориски двајцата конзервативци се согласни и решени да ја спречат нерегуларната имиграција во Европа. И двајцата имаат прочуени „хардлајнери“ како министри за миграција, имено политичарот на ЦСУ Александар Добринт во Берлин и поранешниот десно-екстремен Макис Воридис во грчката престолнина Атина. И двајцата одлучија дека од сега строго ќе се контролира кој може да дојде во Европа, а кој не.
Различна географија
Во пракса сепак интересите на двете земји многу се разликуваат. Грција се наоѓа на надворешната граница на Европа и е прва земја примател на бегалци и мигранти кои сонуваат за подобар живот во побогатите земји од Западна и Северна Европа. Затоа со години баратели на азил на кои во Грција им е признаен статусот, патуваат кон Германија, Франција или Скандинавија.
До сега само мал број од овие мигранти се вратени назад – но, владата на Мерц сега сака тоа да го промени, што е и правно можно бидејќи кон средината на април Сојузниот управен суд во Лајпциг пресуди дека на мигрантите во Грција не им се закануваат екстремни тешкотии. Репер е дали мигрантите таму ќе имаат „леб, кревет и сапун“ на располагање, како што утврди претседателот на судот, Роберт Келер.
„Не многу пријателски“
Германија од тој момент теориски би можела да врати неколку илјади мигранти во Грција, особено млади и здрави мажи кои допатувале сами. Но, владата во Атина не го сака тоа. На прашање околу пресудата на судот во Лајпциг, министерот за миграција Воридис одговори дека во моментов нема барање од Германија на маса. „Но, нема да бидеме многу пријателски настроени кон такво барање“, рече Воридис.
DW