Маж се бори за живот откако наместо вода му дале да пие течност која му ги изгорела органите!

КУРИР денес дознава за ужасен случај во истиот град.

Еден маж, познат бизнисмен во Битола се бори за живот на скопските клиники. Тоа што му се случило не може да се спореди ниту со морбидно сценарио на некој филм, но за жал, ваквите случувања станаа реалност во Македонија!

Во угостителски објект чиј сопственик е добро познат на битолчани, оштетениот човек побарал вода. Тоа што му било дадено му ги изгорело органите и тој во тешка состојба во моментов се лекува на скопската клиника за Токсикологија.

КУРИР стапи во контакт со познаник на човекот кој ја раскажа голготата низ која поминале.

-Во вторникот, во ресторан во Битола, кој е во склоп на местото каде се прави технички преглед на возила, две лица влегле и нарачале кафе и вода. Оштетениот човек нарача флаширана вода, а по една голтка од шишето сфатил дека нешто не е во ред. Веднаш почувствувал незамислива болка, ја плукнал водата и добил нагони за повраќање. Итно е пренесен со брза помош на интерното одделение во клиничка болница Битола. Поради лошата состојба, се носи одлука да биде транспортиран со амбулантно возило на клиниката за Токсикологија во Скопје, открива нашиот соговорник.

Како што дознава КУРИР, битолчанецот за целото тоа време повраќал крв и се жалел на градна болка, поради што медицинскиот персонал и неговите најблиски прво помислиле дека станува збор за проблеми со срцето.

-Со часови повраќаше крв, резултатите покажаа дека со срцето се е во ред, па докторите почнаа да испитуваат од каде е нагонот за повраќање. Тука настанува сомнеж дека состојбата е предизвикана од таа течност. Самиот човек цело време кажуваше дека со водата која ја испил нешто не било во ред, ни раскажа близок на оштетениот.

На клиниката за Токсикологија е констатирано дека човекот има изгореници во уста, на грлото, во хранопроводот и желудникот, се до дванаесетпалечно црево, дознава КУРИР.

Како што дознава КУРИР, полиција дошла во болница да земе изјава, но семејството не добило никаква информација за тоа што е превземено.

Според неофицијални информации кои ги поседуваме, се сослушале вработените и биле побарани снимки од камерите.

И покрај овој ужасен случај, ресторанот не бил затворен ниту минута, туку си работи како ништо да не се случило.

За случајов владее молк, а многу прашања треба да се одговорат и некој, неодложно, да понесе одговорност.

Како таа хемикалија завршила во шише од вода? За каква течност станува збор? Како тоа шише се нашло во ред со исти шишиња во фрижидер и понудено за конзумирање? Дали било само едно или и други луѓе се во опасност?

Во редакцијата на КУРИР се познати идентитетите на човекот кој доживеа голгота, сопственикот на ресторанот и името на објектот, но заради заштита на оштетениот истите нема да ги објавиме.

До целосно расчистување на случајот, КУРИР останува во контакт со сите засегнати страни.

 

kurir.mk