Курти измамен од руските комичари, мислеше дека разговара со претседателот на Латвија

Канцеларијата на косовскиот премиер призна дека Албин Курти минатиот месец бил измамен од познатите руски комичари.

На 11 февруари, два дена по парламентарните избори во Косово, Владимир Кузњецов и Алексеј Столјаров му се јавија на Курти, претставувајќи се како претседателот на Латвија. Медиумите наведуваат дека Курти разговарал за Србија, Русија и други теми со нив.

Во соопштението од кабинетот на премиерот се наведува дека Курти добил толку многу честитки што „поради временските ограничувања не било секогаш можно темелно да се провери секој повик“.

Косовското изборно тело допрва треба да ги објави конечните изборни резултати поради апели од политичките партии. Откако ќе бидат финализирани резултатите, претседателот ќе побара од Курти да формира нова влада.

Инаку, Кузњецов и Стољаров се познати по хумористичните повици до угледни личности. Зборуваа со поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која мислела дека разговара со поранешниот украински претседател Петро Порошенко.

На нивната приказна падна и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Полскиот претседател Анджеј Дуда двапати беше измамен. Првиот пат се претставија како генерален секретар на ОН Антонио Гутереш, а вториот пат како францускиот претседател Емануел Макрон.