Левица ќе се обиде со ново референдумско прашање, ВМРО ДПМНЕ ќе ја поддржи

Опозицијата не се откажува од намерата со референдум да го поништи Договорот со Бугарија.

Левица најави дека таа ќе се обиде со ново референдумско прашање откако пропадна првиот обид на ВМРО-ДПМНЕ кога спикерот Талат Џафери ја отфрли иницијативата откако оценил дека е неуставна. Иднава недела барањето ќе се најде пред претседателот на Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на Левица, ако таа е граѓанска и ако е против Договорот со Бугарија, потврди претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Доколку Џафери и неа ја отфрли, Собранието ќе се соочи со целосна блокада, најави опозицијата.

– Ќе ја поддржиме секоја иницијатива што е во насока на тоа што ние го бараме, без разлика од која група граѓани доаѓа, дали таа група е политичка партија или не. Ако темата се однесува на тоа да делуваме директно кон изворот на сите овие проблеми, не гледам причина да не ја поддржиме – објасни Мицкоски.

Левица допрва ќе одлучи како ќе гласи референдумското прашање, но извесно е дека неговата формулација ќе биде таква за да сугерира одговор – „против“. Против Договорот со Бугарија, против францускиот предлог или комбинирано.

Ако Џафери ја отфрли и оваа иницијатива, пратеникот на Левица Борислав Крмов се закани дека, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, целосно ќе го блокираат Собранието.

 

vesnik.com