Наместо да се бара рефундација, антикоагулансот „клексан“ ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
„Прв приоритет ни е префрлањето на антикоагулансите, особено „клексан“, кој веќе е на болничката листа. Наместо пациентите да чекаат рефундација, ќе можат директно да го подигнат на рецепт. Очекуваме штом Комисијата почне со работа и правилниците бидат усогласени, оваа промена да стане реалност“, рече Клековски.
Како што посочи Клековски, побарани се две измени во правилникот, односно да се овозможи преместување на лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, како и Фондот да добие право за преговарање на цените на лековите кои се субвенционирани.
„Позитивната листа претставува форма на субвенција за одредени лекови. Сметаме дека кога државата веќе ги субвенционира, треба да имаме право да преговараме за нивната цена, а не да ја прифаќаме автоматски големопродажната цена. Забележавме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ги користеа максималните дозволени цени“, рече Клековски.
slobodnaevropa.mk