Лидерите на групата Г7 не успеаја да постигнат амбициозни договори за клучни прашања

Шест лидери од Групата седум (Г7) разговараа за војната на Русија во Украина и конфликтот меѓу Израел и Иран, но не успеаја да постигнат големи договори за тие и многу други важни прашања, затворајќи го самитот што се обиде да покаже како овој клуб на богати земји може да продолжи да ја обликува глобалната политика и покрај предвременото заминување на американскиот претседател Доналд Трамп.

На домаќинот на состанокот, канадскиот премиер Марк Карни и неговите колеги од Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Јапонија, вчера (17 јуни) за време на завршните сесии од самитот им се придружија украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

„Ни треба поддршката од нашите сојузници и јас сум тука. Подготвени сме за мировни преговори, безусловно примирје. Мислам дека тоа е многу важно. Но, за тоа ни е потребен притисок“, рече Зеленски.

Лидерите на Г7, без Трамп, се согласија да се обидат заедно да се борат против она што го нарекоа непазарни политики што би можеле да го загрозат глобалниот пристап до критични минерали.

Тие, исто така, ветија дека ќе го ограничат негативното влијание на вештачката интелигенција врз работните места и животната средина, а воедно ќе го искористат нејзиниот потенцијал за „технолошка револуција“.

Немаше консензус за други прашања, и додека самитот требаше да покаже единство за главните глобални прашања, не беше издадена заедничка изјава за конфликтот во Украина.

Зеленски требаше да се сретне со Трамп на маргините на самитот на Г7 во Канада, во планинскиот град Кананаскис, но средбата беше откажана.

 

 

slobodnaevropa.mk