Лидерите на Северна Македонија мора да покажат резултати во борбата против корупцијата, велат САД

Корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на прашањето дали новите измени во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на функцијата и за злосторничко криминално здружување ќе ги отежнат напорите на САД да помогнат во борбата против корупцијата во државата.

„Ја охрабруваме Северна Македонија да ги исполни нејзините ветувања за борба против корупцијата. Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судствотото, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“.

Собранието со европско знаменце и во забрзана постапка ги помина измените на Кривичниот законик, кои предвидуваат пониски казни за службени лица и функционери кои ќе ја злоупотребат својата позиција, а претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

САД велат дека се посветени да ги повикаат на одговорност оние кои се вклучени во значителна корупција и ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво.

„Борбата против корупцијата во Западен Балкан е главен приоритет на администрацијата на Бајден. САД ќе продолжат да ги поддржуваат владите, партнерите од граѓанското општество, независните медиуми и граѓаните во борбата против организираниот криминал, искоренувањето на корупцијата, зголемувањето на транспарентноста, спроведувањето на одговорноста и дополнително зајакнување на владеењето на правото и демократските институции“, се вели во изјавата од Стејт депаертментот за Гласот на Америка на македонски.

 

VOA