Неколку самостојни изборни билборди и штандови се единствените показатели дека овој викенд (гласањето е во недела на 2 јуни, 2024) ќе се одржуваат локални избори во Нови Сад во северна Србија. Слична е сликата и во јужниот српски град Ниш, каде жителите велат дека не се сеќаваат на толку тивка изборна кампања.
Сепак, јавното мислење сугерира дека опозицијата може да има шанса да ја победи владејачката Српска напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ во двата града.
„Верувам дека очекувањата се делумно оправдани“, вели за ДВ Душко Радосављевиќ, политиколог од Нови Сад. „Во овие големи центри во Србија, опозицијата до одреден степен се обедини и стана видлива. Но, дури и самата опозиција да не е многу видлива, негативните ефекти од актуелната штетна власт се видливи.“
Душко Спасојевиќ, политиколог од Белград, го дели овој став, но вели дека е тешко да се прогнозира бидејќи сега има помалку ентузијазам отколку што имаше во пресрет на парламентарните избори на 17 декември.
„Се чини дека има надеж за опозициските партии, пред сѐ врз основа на резултатите од парламентарните избори, кои служат како добар показател“, вели тој за ДВ, посочувајќи на фактот дека опозициската листа беше прва во повеќето избирачки места во Нови Сад. „Она што е особено интересно е дека за првпат по подолго време, имаме отворени и конкурентни избори, кои би можеле да ги привлечат гласачите кои претходно не учествувале.“
Последните изборни нерегуларности
Претстојните локални избори се одржуваат по неколкумесечни напори на опозицијата да ги истакне нерегуларностите на националните парламентарни и на локалните избори во Белград во декември минатата година.
Неколку набљудувачи на изборите заклучија дека овие избори не биле ниту слободни ниту фер. Центарот за истражување, транспарентност и за одговорност (ЦРТА), независна непартиска граѓанска организација, во својот финален извештај наведе дека „Спектарот на сериозни загрозувања на правата на избирачите и на кандидатите опфаќа бескрупулозни притисоци врз граѓаните, манипулација со Избирачкиот список, фалсификување потписи за поддршка на номинираните списоци, злоупотреба на лични податоци на граѓаните, и фалсификување на датумот на објавување на изборните резултати во Службен весник за да се спречи опозицијата да го искористи законскиот рок за поднесување жалби до Уставниот суд“.
Овие наоди беа поткрепени со конечниот извештај на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ- ОДИХР. Ова го натера Европскиот парламент да повика на меѓународна истрага.
Измените на Изборниот закон од декември
Иако никогаш не беше покрената меѓународна истрага, извештаите за нерегуларности доведоа до преговори за изборните услови меѓу власта и опозицијата. Како резултат на тоа, изборниот закон беше изменет за да се спречи организираната практика на привремено преместување на регистрираните адреси на гласачите во други изборни единици за да се влијае на изборните резултати.
DW