Лондон и Париз планираат трупи за поддршка на Украина

Силите би се состоеле од најмногу 30.000 војници кои би биле распоредени на теренот само како „минимална“ сила, како што пишува „Гардијан“ во четвртокот, повикувајќи се на неименувани владини претставници. Војниците не би требало да бидат стационирани на линијата на источниот фронт.

Фокусот треба да биде ставен на воздушната и поморската одбрана, објави „Фајненшл тајмс”. Особено кога станува збор за противвоздушната одбрана и способноста да „одговорат на еклатантно прекршување на примирјето,” западните сојузници на Украина се „значително супериорни“ во однос на руската армија, изјавил владин претставник за весникот.

Со оглед на неодамнешните американски потези и изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за иднината на Украина, Европејците стравуваат дека тие и Киев ќе бидат исклучени од преговорите за ставање крај на војната и дека САД ќе ги водат во корист на Русија. Неколку европски држави бараат безбедносни гаранции за Украина од Вашингтон со цел трајно да ја одвратат Русија од обновените напади врз Украина по прекинот на огнот.

Трамп разговараше телефонски со рускиот претседател Владимир Путин минатата недела – прв директен контакт меѓу Белата куќа и Кремљ од почетокот на руската инвазија, која во понеделник ја одбележува третата годишнина. Американскиот претседател во понеделникот најави почеток на преговорите за иднината на Украина „без одлагање”. Во вторникот во Ријад се сретнаа делегации од САД и Русија.

Трамп најави дека „најверојатно“ ќе се сретне со Путин во февруари. Тој всушност го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски како делумно одговорен за руската агресорска војна и го нарече „диктатор“. Во четвртокот Кремљ соопшти дека „целосно се согласува“ со позициите на американската влада.

Но, во однос на можното испраќање војници од држави-членки на НАТО во Украина, Кремљ е загрижен. Москва со внимание го следи развојот и делумно противречните изјави во Европа, изјави портпаролот Дмитри Песков за руските агенции. Претходно рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја одби иницијативата.

 

 

DW