„
Музика која ги отвора ушите и срцата“, вака беше најавен синоќешиот голем настан за македонската музичка уметност: светската премиера на оркестарската верзија на музичкиот проект МАКЕДОНИСИМО на Симон Трпчески и пријателите, во најпрестижната светска концертна сала МУЗИКФЕРАЈН во Виена, заедно со австрискиот Тонкунстлер оркестар и диригентот Јутака Садо од Јапонија. Настан на кој беше привилегија да се присуствува, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“ и концерт за кој Трпчески во изјавата за МРТ појаснува дека на членовите МАКЕДОНИСИМО квинтетот им донесе многу возбуда, среќа и гордост:
„Се случи нешто што засекогаш ќе остане во аналите на историјата на македонската интерпретативна уметност. Возбудата е дотолку поголема што добивме уште една димензија на проектот МАКЕДОНИСИМО што Панде Шахов овој пат го обои во најразлични оркестарски бои за поинаква звучна слика. Со желба изведбата да донесе уживање и за самиот оркестар, тој ја направи оркестрацијата многу внимателно. Во секој случај, незаборавно е чувството кога грмна тапанот и низ „Музикферајн“ се разлеаа корените на македонската нација“ – видно инспириран изјави Трпчески.
Композиторот и аранжер Панде Шахов појасни дека не менувал ништо во делниците за квинтетот, туку само оркестарски ги обоил.
nezavisen.mk