Македонија се сеќава – денес е роденденот на нашиот единствен, никогаш непреболен Тоше! Среќни што го имавме, иако кратко на овој свет, тажни што не е денес меѓу нас да слави роденден!
Во Прилеп на денешен ден е роден Тоше Проески – музичар, миленик на бројни генерации. Музичката кариера ја започнал со настапот на „Мелфест“ во 1997 година.
Нема девојче тие години кое не сонуваше за неговите убави очи. Нема човек што не ги пееше неговите песни. Немаше такви кои не го сакаа, ниту онакви кои не пуштија солза кога почина. Немаше некој кој не се восхитуваше на неговата големина, хуманост и добрина.
Имаше големо срце, даруваше и кога немаше и ги поттикнуваше другите да го прават тоа. Споделуваш со сиромашните, помагаше на болните и даруваше на беспомошните.
Македонската легенда, великанот Тоше Проески, денес на 25 јануари, ќе дуваше 44 свеќи на тортата.
Во „Вртелешка“ каде последен пат зборуваше за сè што му лежи на срце, помеѓу друго, на шега се зборуваше за тоа колку бил згоден и како би изгледал на 40 години. Сигурно ќе изгледаше одлично на 44. Ќе го задржеше оној неверојатен шарм и насмевката која топи. Ќе беше пријатен, смирен, внимателен. Олицетворение на праведност, чистина, среќа, скромност, љубов.
Иако денес го нема, неговите вредности остануваат со нас, а луѓето со жалење и многу љубов се’ уште го слават неговиот лик и дело.
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска.