Колони граѓани коишто од изутрината се упатија кон гробиштата во Кочани, се збогуваа и им одадоа почит на 59 млади луѓе коишто загинаа во стравотниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“. Најтажниот ден во Северна Македонијаго обвитка Кочани и целата земја во црнина. Многумина од граѓаните носеа црни маици со натпис „Почивајте во мир ангели наши“. Ретко кој можеше да ги сокрие солзите за загубата на младите луѓе., ОБЈАВИ DW..

Посебни протоколи
Погребот се одржа по посебни протоколи, откако семејствата и градот побараа во солзи и тишина за последен пат да се збогуваат со своите најмили. Погребната церемонија беше обезбедувана со полиција и редарска служба, а бројните новинарски екипи од земјата и од регионот го следеа настанот од подалеку, согласно препораките за етичко известување со цел да не се наруши достоинството на семејствата на загинатите.
Погребни церемонии има и во Штип, Облешево и во Скопје. На плоштадите на овие градови граѓаните со денови палат свеќи и се запишуваат во Книгата на жалост. Со едноминутен молк за жртвите, деновиве оддадоа почит и граѓаните на Бугарија и Србија.

Повредените се во стабилна состојба
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица. Според податоците на Обвинителството, починатите се на возраст од 16 до 48 години. Шестмина од нив се малолетници. Министерството за здравство објави листа на загинатите во пожарот.
Во трагедијата во Кочани се повредени над 190 лица. Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека 173 пациенти, коишто се лекуваат во земјата и во странство, се во стабилна состојба. „Повеќето се подобруваат, а од вкупно 20 што беа критични, денеска констатиравме дека 10 се потешки, но и тие се стабилни, надвор од животна опасност“, вели тој.

Во земјата се лекуваат 72 пациента, а во странство лекарски се згрижени 101 повреден. Од оние што се лекуваат во земјата, тројца се веќе пуштени дома, а во петок се очекува да бидат пуштени на домашно лекување уште тројца.
Но, пред да бидат пуштени дома, ќе им бидат направени токсиколошки анализи. „Ќе дојдат искусни токсиколози, ќе направат испитувања и да бидеме сигурни да ги пуштиме на лекување во домашни услови“, вели Таравари.
Тој соопшти дека возачот на Итната медицинска помош, Иле Гоцевски, кој почина по трагичната несреќа во Кочани, а превезе голем број пациенти, ќе биде постхумно одликуван.
„Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Неспорно е дека тој направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам“, изјави Таравари.