Македонската влада ги има ратификувано потребните два договори и чека исплата на првиот дел од парите од европскиот План за раст, кои беше планирано да бидат достапни од почетокот на оваа година. Првите редовни плаќања се очекуваат помеѓу вториот и третиот квартал во 2025 година, одговорија од Европската комисија за РСЕ.
На почетокот на април, Северна Македонија можно е да ја добие првата исплата од европскиот План за раст тешка 52,5 милиони евра, дознава РСЕ од дипломатски извори.
Ова значи дека Владата за нешто повеќе од еден месец би ги имала на располагање парите од европскиот пакет во државниот буџет откако македонската Влада и Собранието ги усвоија двата потребни договори од Планот за раст кои се веќе испратени во Европската комисија во Брисел и чекаат потпис.
Планот за раст кој го усогласија Европскиот парламент и Советот на Европската унија во мај 2024 година, а беше одобрен во октомври истата година е во вкупна вредност од шест милјарди евра, опфаќа инвестиции и реформи на државите од Западен Балкан, како дел од реформската агенда 2024-2027 година.
За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра, доколку Владата успешно се придржува до домашните реформи кои самата ги ветила пред европските институции.
Од Европската комисија за РСЕ велат дека во моментов има пет амбициозни реформски агенди од петте балкански држави, вклучително и онаа за Северна Македонија. Исплатата очекуваат да се финализира што поскоро, откако ќе се завршат процедурите во Брисел.
slobodnaevropa.mk