Набиена агенда со бројни средби со претставници на идната американска администрација ќе има македонскиот премиер Христијан Мицкоски, како и присуство на многу формални, но и неформални активности кои се составен дел од процесот на инаугурација на новиот американски претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари, на свеченоста насловена „Гласови на слободата“.
Според владини извори, очекувањата се дека за време на престојот македонскиот премиер ќе одржи повеќе билатерални средби – со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и иден министер за трговија, Девин Нунес, номиниран за претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на „Trump Media & Technology Group”, извршниот директор на Рамбл (Rumble), Крис Павловски, Линда Мекмахон, предложена за министерка за образование, Каш Пател предложен за директор на ФБИ, идниот амбасадор на САД во НАТО, Мет Витакер, Себастијан Горка, предложен за асистент на претседателот Трамп и виш директор за контратероризам, како и со сенатори и конгресмени.
„За време на посетата ќе се афирмираат македонските позиции и интереси во поглед на надворешната политика и европската интеграција на земјата, како и соработката со САД на повеќе значајни полиња. Ова е прва ваква можност во историјата на самостојна Македонија, премиерот на Владата на вака високо ниво во американската политика да оствари контакти значајни за државата“, велат владини извори.
Се разбира, можностите за средби и контакти се уште поголеми ако се има предвид дел од листата на присутни на самата свеченост – Ричард Гренел, номиниран пратеник за специјални мисии на претседателот на САД, координаторот на Групата на конгресмени на Републиканците во Конгресот, Том Емер, идниот државен секретар Марко Рубио, Илон Маск, прв човек на Тесла – корпорацијата, кој е номиниран за шеф на Министерството за владина ефикасност, повеќе од 30 сенатори и конгресмени, како и непосредните соработници на новиот американски претседател.
Да го привлечеме вниманието
Премиерот Мицкоски посетата на САД на 18-ти јануари ја најави на почетокот на годината во интервју за МИА.
„Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Навистина ќе имам квалитетни средби од тоа што е досега договорено со водечките луѓе од администрацијата во Вашингтон и очекувам да го привлечам вниманието и со поинаква оптика да гледаат кон Балканот. Мораме прво регионално да го привлечеме вниманието, односно оптиката на Вашингтон да гледа кај нас како регион, не како единка во тој регион. Да, важна единка, природна раскрсница, срцето на Балканот, но сепак ако го гледаме Балканот како целина, како регион, тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму, кои се предностите коишто ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот”, изјави Мицкоски на стартот од 2025 година.
DW