Македонски државјанин е повреден при неодамнешениот напад врз објект на Обединетите нации во Појасот Газа којшто се случи на 19 март. Една недела по нападот, информацијата за ДВ ја потврдуваат од македонското Министерство за надворешни работи. Повредениот е пренесен на лекување во Израел и неговата состојба е стабилна.
При нападотна објектот на ОН во Деир Ал Бала едно лице загина, а шестмина беа повредени.
„Здравствената состојба на повредениот македонски државјанин е стабилна и тој е надвор од животна опасност“, велат од македонското МНР, од каде не соопштуваат повеќе детали околу идентитетот на повредениот и неговиот професионален ангажман во ОН.
Според нив, министерството, преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, е во постојана комуникација и останува на целосно располагање на повредениот македонски државјанин.
МНР: „Безбедноста мора да биде загарантирана“
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во оваа прилика уште еднаш ја нагласува важноста од заштита на припадниците на меѓународните и хуманитарни организации. Нивната безбедност и интегритет мора да бидат гарантирани во сите околности, во согласност со меѓународното хуманитарно право“, порачуваат од министерството со коешто раководи Тимчо Муцунски.
Информацијата претходно ја потврди и портпаролот на ОН, Стефан Дујарич, на редовниот брифинг со новинарите, кој рече дека нападот на нивниот објект во Деир Ал Бала на 19 март бил предизвикан од израелска тенковска граната. Притоа загинал еден вработен во ОН од Бугарија, а шестмина други од Франција, Молдавија, Северна Македонија, Палестина и Обединетото Кралство биле потешко повредени.
„Локацијата на овој објект на ОН им беше добро позната на страните во конфликтот“, рече тој, истакнувајќи дека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побарал „целосна, темелна и независна истрага“.
ОН го повлекува дел од персоналот од безбедносни причини
Обединетите нации во понеделникот соопштија дека го намалуваат бројот на меѓународниот персонал во Газа за околу една третина по израелските напади во енклавата во кои загинаа стотици цивили, вклучително и персоналот на Обединетите нации.
Потегот е преземен од безбедносни и оперативни причини и ќе вклучи повлекување на околу 30 од околу 100-те меѓународен персонал во моментов во Газа.
„Она што го правиме е да го намалиме бројот на меѓународни членови на персоналот за околу една третина оваа недела. Тоа е привремена мерка. Се надеваме дека луѓето ќе се вратат во Газа што е можно поскоро“, изјави претставникот на ОН.
DW