Македонски лекар во Пловдив: „Многу е тажно ова што се случува“

Десетици Македонци живеат и работат како лекари во бугарскиот Пловдив. Заминале како студенти, добиле бугарско државјанство и се вработиле. Со нив разговараше Веселина Божилова од бугарската редакција на ДВ.

Не сфаќаш дека те лекува македонски лекар, додека не каже некоја различна дума. Потоа ти остава впечаток со различниот однос кон пациентите, особено кон повозрасните.
Д-р Маја Ристеска – гастроентеролог, д-р Васко Гракланов – хематолог, д-р Панче Димитриевски – ортопед, д-р Ана Миовска – неонатолог, д-р Боновски – кардиохирург, хирурзите д-р Сарпанов и д-р Доневска, пластичен хирург д-р Костадин Гигов, д-р Борислав Иванов – акушер-гинеколог. Ова се само дел од македонските лекари кои работат во здравствениот систем во Пловдив. Македонските лекари работат и во други градови со медицински универзитети во Бугарија, но се чини дека во Пловдив се најбројни.

Во периодот од 2000. година досега, приемот на студенти од Македонија во Пловдив бил најголем. Доктори, стоматолози, фармацевти – образованието го добиле во Бугарија, специјализирале и успешно се реализираат. Некои заминуваат од Бугарија во други земји – Словенија, Германија – но ретко кој се враќа во Македонија. Значаен дел од нив ја избираат Бугарија за постојан престој, се развиваат во професијата, основаат семејства и успешно работат во бугарското здравство. Тешко е да се утврди колку се, бидејќи во студентските години се стекнале со бугарско државјанство и запишале специјализација како Бугари.

„Немавме никаков проблем со јазикот“

„Родум сум од Струмица, на само 40 километри од Петрич. Нашиот дијалект е секако ист, се разбираме“, вели кардиологот д-р Илија Јанев, кој живее во Пловдив. „Кога решив да студирам медицина, тоа беше можно само на Универзитетот во Скопје. Но местата беа малку, а во тоа општество на врски и привилегии тешко се дозволуваа луѓе од периферијата, а Струмица е периферија.”

Тој познавал луѓе кои студирале медицина во Пловдив, вклучувајќи го и неговиот братучед. „Решив да се обидам. Полагав биологија и тест по бугарски јазик и историја. Добив високи оценки и бев рангиран. За само еден ден во Агенцијата за странци во Софија изјавив бугарско потекло и тоа ми даде можност да учам во државната квота, како Бугарин“.

„Тогаш беше многу лесно да се докаже потеклото – пишуваш на лист дека имаш бугарски корени и дека се чувствуваш како Бугарин, потпишуваш сѐ, и тоа беше доволно. Полицијата ти дава постојан статус, за да не мора да се вади виза. Потоа започнуваш процедура за бугарско државјанство, таа траеше подолго, четири или пет години, но 90 отсто од сите македонски студенти тогаш го направија тоа и го добија“, се сеќава д-р Јанев.

„Потоа ги сменија правилата и стана многу покомплицирано, потребни се документи за потекло. Но, тогаш беше лесно. Само двајца од нашиот курс не го направија тоа и сè уште жалат.”

На Универзитетот во Пловдив студирал со други Македонци. „Бевме најмалку 20 Македонци. Започнавме во 2004 година“, се сеќава д-р Јанев и додава дека сите пристигнале еден месец порано за да учат бугарски јазик. Но, со јазикот немале никаков проблем. „Лесно ни беше“, вели Јанев.

Зошто Бугарија?

Дел од колегите на Јанев заминале во Германија, Словенија или дури и Австралија, но тој решил да остане.

„Во 2010 во Македонија условите за работа беа многу потешки, не дека и сега се многу поразлични. Во државна болница можеше да се вработиш само ако си политички подобен. Да одиш по митинзи, да агитираш. Буквално за сите места е така, не само за лекари. Специјализацијата не беше достижна.”

Затоа почнува да работи во општата болница во Пловдив, а подоцна и специјализира кардиологија. Денес е кардиолог на Клиниката за кардиохирургија, а има и своја пракса и прегледува во селата надвор од Пловдив. Формирал семејство и има дете. Вели дека не се интересира за политика, но не може да избега од случувањата.

„Многу е тажно ова што се случува сега. Лошото е што има голема тензија во Македонија. Последен пат бев за Велигден, уште не беше толку тензично. Тешко е затоа што Македонија можеби очекуваше братска рака. Во однос на историјата, не се расправам затоа што не ја разбирам. Јасно е дека голем дел од нашата историја е испреплетена, затоа што една територија била таму, друга ваму, и нема како да не е испреплетена.”

Јанев вели дека не разбира зошто толку се инсистира историските личности да се прогласуваат „за ваши или наши“.

„Не можам да ги разберам ни во Македонија. Имавме 20 години спор со Грција за името. На крај попуштивме и сега сè се нормализира. Тие можеби не го очекуваа овој однос од Бугарија. И сега има голема тензија. Особено во Скопје“.

„Се чувствувам како Бугарин“

Јанев објаснува дека во неговата родна Струмица никој не ја мрази Бугарија.
„Но, во Скопје е поинаку. Таму има едно просрпско расположение, српското влијание сè уште е таму.” Кардиологот признава дека „веќе се чувствува како Бугарин“. „Оваа држава ми даде многу- семејството ми е тука, детето тука ми се роди, тука земам плата и плаќам даноци“.

На Јанев не му е јасно и зошто „Европа врши толкав притисок за влез на Македонија во ЕУ“. Според него, најголем интерес за тоа во Македонија имаат оние кои сакаат да ја напуштат земјата.

„Маката е да избегаат од Македонија. Инаку оние со бугарски пасоши масовно одат надвор. Речиси половината од моите познаници од Струмица се надвор од земјата, затоа што имаат бугарско државјанство и работат без проблем во Европа. И воопшто, никој од нив не се заморува со проблемите меѓу Македонија и Бугарија. Никој од нив“, вели д-р Јанев.

Во моментов на студиите по медицина во Пловдив има околу 15 македонски студенти. Колку од нив ќе останат е рано да се каже. Одлуката ќе зависи од многу фактори, вклучително и од развојот на спорот меѓу двете земји.

 

Дојче Веле