Македонско друштво “Илинден”-Тирана повторно ја актуализира потребата за 24-часовно работење на граничниот премин Требиште – Џепиште

Македонското друштво “Илинден”-Тирана апелираа до Владата на Република Албанија да го реши долгогодишниот проблем со работното време на граничниот премин Требиште – Џепиште. Македонското друштво “Илинден”-Тирана бараа преминот да работи 24 часа, како што беше договорено од владите на Македонија и Албанија во 2017 година.
Долгогодишен проблем со функционирањето на преминот
Граничниот премин Требиште – Џепиште, кој ги поврзува областа Голо Брдо со Македонија, беше официјално отворен во мај 2013 година. Како дел од напорите за подобрување на регионалната поврзаност, на заедничката владина седница во Поградец на 15 декември 2017 година беше донесена одлука за негово 24-часовно работење.
Сепак, и покрај оваа одлука, граничниот премин и денес функционира со ограничено работно време – од 08:00 до 18:00 часот. Ова претставува сериозен проблем за жителите на Голо Брдо, особено во зимскиот период, кога ниските температури, снегот и тешките временски услови дополнително ја ограничуваат нивната комуникација и движење.
Факти и аргументи за неопходноста од 24-часовно работење
Владин договор (2017 година) – Владите на Македонија и Албанија официјално се согласија дека граничниот премин треба да работи 24 часа. Неспроведувањето на оваа одлука претставува непочитување на билатералните договори.
Голо Брдо изолирана област – Областа Голо Брдо е една од најизолираните во Албанија, со слаба инфраструктура и ограничен пристап до основни услуги. Овој граничен премин е единствената врска за многумина со блиските македонски градови.
Административни потреби – Многу жители на Голо Брдо имаат македонско државјанство или роднински врски со Македонија, па им е неопходен непречен пристап за административни обврски како што се вадење документи, здравствени услуги и образование.
Економска и социјална поврзаност – Ограниченото работно време на преминот негативно влијае на локалната економија, бидејќи жителите не можат слободно да се движат за работа, трговија и други економски активности.
Тешки временски услови – Во зимскиот период, кога температурите се ниски, а снежните врнежи чести, краткото работно време дополнително ги загрозува жителите, особено во итни случаи кога треба да преминат во Македонија за медицинска помош.
Дискриминација во однос на други гранични премини – Некои други гранични премини меѓу Македонија и Албанија функционираат 24 часа, што го поставува прашањето зошто оваа одлука сè уште не е спроведена и за граничниот премин Требиште – Џепиште.
Македонците во Голо Брдо со итно барање до албанската влада
Граничниот премин Требиште – Џепиште е од суштинско значење за локалното население, а ограниченото работно време создава сериозни проблеми во секојдневниот живот и комуникација. Движењето на граѓаните е значително отежнато, особено во зимскиот период. Бараме Владата на Албанија итно да го реши овој проблем и да го спроведе договорот за 24-часовно работење на преминот.
Македонско друштво “Илинден”-Тирана Претседател Никола Ѓурѓај
Координатор на Македонско друштво “Илинден”-Тирана за Голо Брдо, Фатри Фетаху