Македонците во Албанија се дел од македонскиот народ, со трајни историски, културни и духовни врски со Македонија

Предлог-стратегија за заштита на македонското национално малцинство во Албанија, беше презентирана на денешната средба во Корча, организирана од македонската партија, МАЕИ, со претставници на македонските парламентарни партии, која, како што сe наведува, има за цел да дефинира долгорочни мерки и активности за поддршка на македонското национално малцинство во Албанија преку институционални, дипломатски, културни и економски механизми.

– Македонското национално малцинство во Албанија е составен дел од македонскиот народ, со трајни историски, културни и духовни врски со својата матична држава. Зајакнувањето на неговата положба, правата и културниот развој е од стратешко значење за Македонија, со оглед на нејзините обврски како матична држава и согласно меѓународните универзални стандарди за заштита на националните малцинства, рече партискиот лидер Васил Стерјовски, при презентацијата на стратегијата и барањето поддршка за неа.

Според него, цели на стратегијата се обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Албанија, поддршка за целосна примена на законските права на Македонците во Албанија согласно меѓународните стандарди (ОБСЕ, Совет на Европа, Повелбата на ООН…) и поттикнување на процеси за признавање и официјално евидентирање на македонското малцинство во региони каде што постои, но не е признато.

Во стратегијата, опфатена е и јазичната и образовна поддршка, а тоа е повторно отворање на училиштата на македонски јазик во областа на Голо Брдо и иницирање на отворање на училишта на македонски јазик во областа на Гора, доделување стипендии за студенти од македонското национално малцинство за студирање на универзитетите во Албанија, како и стипендии за постдипломски и докторски студии, подготовка на учебници на македонски јазик за училиштата во Албанија, во согласност со наставните програми коишто би ги печатела албанската држава.

Стерјовски посочи дека се бара од Албанија, согласно меѓународните конвенции, да обезбеди услови за изучување на македонскиот јазик во сите средини каде што живеат Македонците.

– Доделување на петгодишни стипендии за студенти од македонското малцинство за запишување на програмата „Албански јазик и книжевност и јазикот и културата на малцинствата“ на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча, каде како изборен предмет може да се изучува македонскиот јазик и култура и петгодишни стипендии за студенти од македонското малцинство за запишување на Универзитетот во Тирана, на Лекторатот на македонски јазик, додаде тој презентирајќи ја стратегијата.

Што се однесува до културната поддршка и зачувување на националниот идентитет се бара поддршка за културни манифестации, фестивали и настани поврзани со македонското културно наследство, подготовка на годишни програми за издавање на книги, списанија и медиуми на македонски јазик во Албанија, како и помош за отворање на радио станица на македонски јазик.

 

denesen.mk