Македонците во Пустец, Мала Преспа, Албанија, достојно како и секоја година, го одбележаа патронот на црквата „Свети Архангел Михаил“, што го чествуваат како нивен заштитник.
Утрена со света божествена литургија, отслужи отец Алексо Темелко, по што во трпезаријата на црквата имаше богата трпеза за сите верници, а потоа и музичка програма со македонски песни и ора.
Ја продолжуваме традицијата на одбележување на овој голем празник, посветен на Свети Архангел Михаил – водач на небесните сили, чувар на сите болни и заштитник на Македонците во Пустец. Запаливме свеќа и се помоливме за здравје и напредок, рече за МИА, Едмонд Темелко поранешен градоначалник на Пустец.
Со него беше и Панди Јани, кој додава дека денешниот празник како домашна слава го слават сите семејства во Пустец.
Овој божји храм е еден од најубавите во Албанија. Обновен беше пред неколку години на темелите на старата црква, која била урната за време на комунистичкиот период, а се наоѓа во центарот на Пустец, на плоштадот кој гордо го носи името „Гоце Делчев“. Посакувам сите да бидеме блгословени и од големиот Архангел Михаил заштитени, порача Панди Јани.
На светата божествена литургија освен жители на Пустец присуствувале и жители од останатите населени места од оваа општина.
vesnik-ilinden.com