Сестрите Невена и Калина Нешкоска и нивниот брат Наум, кои го водат популарниот детски едукативен канал „Дарко Биберко“, ќе бидат дел од една од новите епизоди на „Симпсонови“. Како што информира Невена, креаторите на една од најпознатите светски анимирани серии одлучиле да внесат лик-спортист кој доаѓа во Спрингфилд како голема сензација од Македонија.
-За кој спорт станува збор? Нормално, за најпопуларниот и најисконски македонски спорт…бејзбол. Што се однесува на тоа како бевме вклучени во епизодата: учевствувавме во преводот, јас лично имав консултантска улога, а сите тројца испеавме песна што ја преведовме од англиски на македонски јазик, објави едната од сестрите.
Епизодата премиерно ќе се емитува во САД во недела, на 27-ми април во 20:00 часот по локално време, односно 2 часот наутро (понеделник) по македонско, на американската телевизија „FOX“.
Американската серија повеќе од три децении ги анимира гледачите од сите делови на светот со сатирично прикажување на секојдневниот живот на едно американско семејство, исмевање на културата, политиката, општеството и честото предвидување на иднината. Првата епизода на „Симпсонови“ беше прикажана на 17 декември 1989 година, а серијата ја создаде Мет Гронинг. Сите ликови во анимираната серија биле именувани по членови на неговото семејство, но Гронинг, наместо своето име, го користел името Барт.
„Симпсонови“ денес е една од најдолго прикажуваните серии во американската историја, освојувајќи десетици награди и остварувајќи огромна заработка. Сè уште е една од најгледаните серии, се прикажува во многу земји низ светот и никогаш не престанува да ја засмева многубројна публика.