Макрон сака да ја штити Европа со нуклеарно оружје

Париз, 14 јули 1965 година: Национален празник во Франција. Меѓу коњаницата, музика за марш и колони тенкови, одеднаш нешто необично се гледа на булеварот во француската престолнина – нуклеарни ракети на подвижни платоа за лансирање. Бомбардерите „Мираж“ грмат прелетувајќи од горе. Франција за првпат на светската јавност ѝ го претставува– Форс де Фрапе – нуклеарното оружје за заплашување.

Во следните децении, тоа станува сржта на француската одбранбена политика – под чисто национална контрола, целосно независно. Бомбата не само што ѝ дава на Франција трајно место во ексклузивниот клуб на нуклеарни сили, туку и политичка алатка за моќ. Но, оружјето е скапо, па повеќе од десет проценти од буџетот за одбрана се трошат годишно за негово одржување и модернизација – значително оптоварување со оглед на големото задолжување на државата.

Француското одвраќање: суверено, минимално, одбранбено
Нуклеарната доктрина на „Форс де Фрапе“ (Француска нуклеарна сила) речиси и да се нема сменето од времето на Шарл де Гол. Нуклеарното оружје служи за заштита на „виталните интереси“ на Франција – намерно избран неопределен термин, кој, во вонредна состојба, може, но и не мора да ги вклучува европските партнери. Според доктрината, употребата на нуклеарно оружје е предвидена само во екстремни случаи на самоодбрана. Одлуката ја носи исклучиво претседателот на Републиката.

Француски претседатели, од Де Гол до Никола Саркози, постојано нагласувале дека овие витални интереси имаат и европска димензија. Но, нивните изјави остануваа симболични. Вистинска волја за споделување на бомбата барем јавно не можеше да се забележи. Сѐ до Емануел Макрон.

Пресвртот со Макрон
Откако стапи на функцијата во 2017. година, Макрон не ја промени нуклеарната стратегија на Франција, но ѝ даде европска димензија. Во еден начелен говор во февруари 2020. година изјави дека француското одвраќање служи и за безбедноста на Европа и понуди стратешки дијалог со европските партнери. Во Берлин тоа во голема мера беше игнорирано, од страв дека тоа би можело да го поткопа ветувањето на САД дека ќе ја штитат Европа.

Но, сега наративот се менува. „Франција понуди барем да се разговара за тоа – јас прифаќам таква понуда“, рече Фридрих Мерц кратко по положувањето заклетва како канцелар. Мерц би можел да си замисли да го надополни американскиот штит со француски и британски ракети. „Нуклеарната заштита од САД во рамките на НАТО-Алијансата во Европа не можеме да ја замениме сами“, рече канцеларот. Канцеларот досега не се изјасни дали „Форс де Фрапе“ би можело да се разгледа и како замена за американскиот штит во ситуација на нужда.

Што конкретно нуди Франција
Франција не предлага заедничка европска нуклеарна бомба, туку нуклеарна коодговорност на различни степени. Макрон во сржта предлага стратешки дијалог, односно европските партнери да бидат поканети и подобро да ја разберат француската нуклеарна доктрина, која е формулирана во „стратешка двосмисленост“, да размислуваат заеднички за сценарија и да учествуваат во улога на набљудувачи во маневрите. Уште во 2024-та година, италијански транспортен авион учествуваше во француска вежба.

Долгата теориска дебата сега станува сè поопиплива. Макрон во телевизиско интервју во вторникот (13.05) рече дека Полска изразила желба да стационира француско нуклеарно оружје на своја територија – аналогно на Германија, каде што американски нуклеарни бомби се складирани во Бихел, кои во итен случај авиони на Бундесверот би ги пренеле до нивната цел. Макрон порача дека е подготвен да разговара за проширување на францускиот нуклеарен штит „со сите партнери кои си го посакуваат тоа“. Макрон за првпат јавно не ја исклучи можноста за стационирање француско нуклеарно оружје во други земји од ЕУ.

Но, како што анализира водечкиот француски експерт за безбедност, Бруно Тертре, во отвореноста на Макрон се крие тивок сигнал. „Додека американското нуклеарно оружје е стационирано во Европа, од француска перспектива нема причина дури ни да се дискутира дали француски бомби треба да се складираат во Германија или на друго место“, вели Тертре.

Франција сепак веќе работи на подобро усогласување на нејзината нуклеарна инфраструктура со Европа. Во Луксеј-Сен Совер, на само 100 километри од германската граница, во наредните години ќе се модернизира воена база за нуклеарно оружје за борбените авиони „Рафал“. Тоа е сигнал дека Франција не само што ќе го задржи својот нуклеарен капацитет, туку и ќе го прошири и дека „Форс де Фрапе” доаѓа поблиску до Централна Европа.

 

 

DW