Малдиви им забранија влез на израелските државјани

Малдиви одлучија да забранат влез за израелските државјани, објави денес претседателот на земјата, Мохамед Муизу, наведувајќи дека оваа одлука е реакција на бруталната воена офанзива на Израел во Појасот Газа, јавува Анадолу.

Одлуката следува по ратификацијата на Третиот амандман на Законот за имиграција на Малдиви, кој беше усвоен од Парламентот на Малдиви на 15 април, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Во објава на Фејсбук, Муизу го оцени амандманот како јасен одраз на нивниот став против тековните злосторства во Палестина и додаде дека оваа островска нација повторно ја потврдува својата непоколеблива солидарност со палестинскиот народ.

Од Кабинетот на претседателот дополнително соопштија дека ратификацијата го покажува „цврстиот став на Владата како одговор на постојаните злосторства и тековниот геноцид што Израел го спроведува врз палестинскиот народ“.

„Малдиви остануваат доследни во барањето одговорност за прекршувањата на меѓународното право и гласно ја осудуваат израелската агресија на сите меѓународни платформи“, се додава во соопштението.

Владата исто така ја потврди својата долгорочна поддршка за формирање на независна и суверена палестинска држава, врз основа на границите од пред 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град, во согласност со резолуциите на ОН и меѓународното право.

 

извор: АНАДОЛИЈА