Денко Малески – универзитетски професор и екс министер за надворешни работи во најновата колумна пишува дека со својата постапка, не искажувајќи го новото уставно име, туку само „Македонија“, новата претседателка ги скршила стаклените нозе на Преспанскиот договор.
„Тоа беше момент на пркос против неправдата која, согласно меѓународното право, ѝ е нанесена на една држава која под притисок на друга мораше да го смени уставното име. Кажано од позиција претседател, тоа беше и повик до граѓаните и до вработените во државната администрација, да го следат нејзиниот пример“ – вели Малески.
Со одбивањето да ги изусти целосните зборови на заклетвата кои беа кажани од претседателот на Собранието и одбивањето да го користи уставното име на земјава, според Малески, таа ѝ објави војна на Грција, кршејќи ги стаклените нозе на Преспанскиот договор.
„Следи грчка реакција која, како и секогаш, најдиректно граѓаните ќе ја почувствуваат на граничните премини, а Владата во влошените меѓудржавни односи со Грција“, вели Малески.
Кога станува збор за говорот на Силјановска Давкова, тој пишува дека не слушнал ништо суштинско за функцијата претседател во домашната или во меѓународната политика.
Малески вели дека по говорот на новата претседателка земјава сега има два фронта нa кои ќе треба да го брани достоинството – со Бугарија и со Грција.
„Конфронтација со две држави членки на ЕУ, ќе ја фрли нашата држава без излез на море, со комплексна етничка структура и со сиромашна економија, во крајно неповолна положба. Не може да се очекува поддршка и од оние кои вршеа притисок врз двете страни да го потпишат Преспанскиот договор, имено Америка, но и Европа и ОН. Напротив. Во обид да не бидеме однесени од бранот на популистичкиот национализам, канцеларијата на американскиот претседател издаде наредба за санкции против оние кои работат против Преспанскиот договор, заедно со Охридскиот и оној со Бугарија. Значи ли тоа санкции за претседателката и за владата на Македонија“, заклучува Малески.