Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска напладне (6 јуни) му го додели мандатот за формирање Влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Повикувајќи се на изборниот резултат и распоредот на сили во парламентот, претседателката рече дека доверувањето на мандатот на Мицкоски е „вистински правен и политички чекор“.
„При конституирањето на Собранието, претседателот беше избран со 76 гласа ’за‘. Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право основано да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски, има сериозна можност да формира влада односно да освои 61 глас зад својата програма и составот на Владата што се разбира ќе го предложи во следните 20 дена“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа одржа средба со Мицкоски, кој потоа најави брзо формирање на влада.
Пред да дојде до изборот на Влада, во Собранието ќе се прави нејзина реорганизација – ќе се формираат нови и ќе се трансформираат стари министерства.
ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и ЗНАМ, како извесни партнери во идната влада, заедно имаат 78 пратеници. За да ја направат реорганизацијата, пак, потребно им е двотретинско мнозинство (80 гласа) во 120-члениот парламент.
Мицкоски предлог-законските измени вчера ги поднесе во Собранието и верува дека ќе ја добие поддршката.
„Јас ви велам дека имаме повеќе од 80“, рече Мицкоски по добивањето на мандатот.
А, партнерите на ВМРО-ДПМНЕ, од „Вреди“ за Радио Слободна Европа (РСЕ) брифираат дека сакаат пред формирање на владата да се изгласаат и законски измени за да се спречат предвремени избори за градоначалници кои планираат да ги поднесат деновиве.
Влада најдоцна до крајот на јуни
Денешното доделување на мандатот од страна на претседателката е пред истекот на рокот од 10 дена. Тој започна да тече со конституирањето на новиот парламентарен состав на 28 јуни.
Сега, Мицкоски има 20 дена до Собранието да достави програма и предлог состав на Владата. Меѓутоа, најавите се тоа да се случи и порано.
„Очекувам час поскоро да го поднесам составот“, рече Мицкоски на 5 јуни додавајќи дека се размислува кога тоа да биде и поради верските празници што доаѓаат – Курбан Бајрам (16 јуни) и Духовден (21 јуни).
slobodnaevropa.mk