Маркова нога – враќање на надежта за преспанскиот крај

Поврзувањето на двете Преспи, и од македонската и од грчката страна на границата и отворањето на преминот Маркова Нова носи надеж за жителите на преспанскиот регион. По седум години од потпишувањето на Преспанскиот договор ставен е првиот камен за изградба на граничниот премин „Маркова нова“, којшто се толкува како „историски чин“ и „нова ера“ за подзаборавената Преспа.

Доколку се реализираат плановите до 2027 година да завршат градежните работи за изградба на уште еден граничен премин, со кој ќе се поврзат Македонија и Грција, надежите се дека тоа за Преспа би значело целосна транформација – заживување на економијата и враќање на туристите на Преспанското езеро, коешто со години е запоставено.

Историски чин
„На овој ден започнуваме со едно трансформативно патување низ Преспа. Во наредните 16 месеци ќе има многу работа за да се завршат градежните работи во предвидениот рок до 2027 година, со цел повторно да се изгради преминот „Маркова нога“. Со ова ќе можеме да докажеме дека економската и прекуграничната соработка одат рака под рака со одрлживоста во животната средина“, вели постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со евроамбасадорот Михалис Рокас присуствуваа на поставувањето на камен-темелник за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“.

Тројцата се согласни дека станува збор за „исторски чин“. Преминот Маркова нога ќе ги спои двете Преспи – од двете страни на езерото и ќе го заживее овој дел на Македонија.

„Се надеваме на многу позитивни приказни во иднина, развој на туризмот, поголем проток на луѓе и се разбира и локалното население да го види бенефит од овој проект“, вели градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

Според премиерот Христијан Мицкоски ова е посебен ден за Преспа. „Овој граничен премин е само уште еден чекор за поврзување на двете Преспи, од едната и од другата страна на границата и мислам дека вакви примери се позитивни и за двете држави и во таа насока треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме оти само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави“, порача Мицкоски.

 

 

DW