Марта Кос се понуди за олеснувач меѓу Скопје и Софија

„Бугарија и Северна Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за билатералното прашање и јас стојам на располагање како олеснувач ако е потребно. Ако можам да помогнам, тогаш сум подготвена да седам 24 часа, колку и да е потребно, за да се дојде до решение“, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот. Според неа, Северна Македонија мора да го промени Уставот, за да се продолжи со процесот на пристапување.

„Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со Северна Македонија по Кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени“, додаде таа.

Според Кос, живееме во време на длабока трансформација на меѓународниот поредок, и само за шест месеци од стартот на нејзиниот мандат глобалниот пејзаж се промени драматично, па затоа во интерес на безбедноста и иднината на континентот потребно е „да заврши обединувањето на Европа“. „За мене проширувањето е многу повеќе од само проширување, туку станува збор за обединување на Европа. Тоа не е само морална неопходност, туку јасен услов за посилна и побезбедна Европа. Проширувањето во овој контекст оди подалеку од традиционалниот поглед и станува средство за обединување на Европа околу заеднички вредности и принципи“, рече Кос.

„Непознат феномен“
Пораките се испратени во пресрет на најавите дека Европскиот парламент (ЕП) ќе расправа за нацрт-резолуција за напредокот на Македонија кон ЕУ, кој ќе содржи четири места во кои се признава македонскиот идентитет и јазик. Ова ќе биде второто законодавно тело во Европа по германскиот Бундестаг, кој на 15 јуни 2023 година го призна македонскиот идентитет и јазик со својата резолуција. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве ја повика опозицијата на единство со цел да се убедат европратениците да се донесе резолуција со којашто се признава посебниот македонски идентитет и јазик.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува поддршка за резолуцијата, „зошто во спротивно тоа многу лошо ќе зборува за демократскиот капацитет на Европскиот парламент“.

„Искрено не очекував во 21 век во Европскиот парламент да прочитам или да чујам некои амандмани – за оспорување на нечиј идентитет. Тоа е непознат феномен, особено што седите во институција којашто е дел од ЕУ, во чиј основни контитутивни документи се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, на човековиот дигнитет и интегритет. Тоа е нешто шокатно“, изјави претседателката во Скопје.

 

 

DW