Во американскиот град Њу Орлеанс рано утрината по локално време, маж влетал со пикап возило во толпа луѓе. Според податоците на градската управа, загинале десет лица, а најмалку 35 се повредени.
Инцидентот се случил во 3 часот и 15 минути (по локално време) на улицата Бурбон во Францускиот кварт, градската туристичка област и со богат ноќен живот, додека новогодишните прослави сѐ уште биле во тек. Властите ги повикаа луѓето да ја избегнуваат областа.
Возачот очигледно е мртов
Возачот на автомобилот дејствувал „намерно“, изјави началничката на полицијата Ен Киркпатрик и „не станувало збор за возење во пијана состојба“. Мажот се обидел да прегази што повеќе луѓе. Според неа, тој пукал и ранил двајца полицајци. Возачот загинал во престрелка со полицијата, јавија амерканските медиуми. Според Алетеа Данкан од канцеларијата на ФБИ во Њу Орлеанс, биле пронајдени и „импровизирани експлозивни направи“. Си-Ен-Ен ги цитираше ФБИ, дека направите сега се испитуваат за да се утврди дали се функционални или не.
ФБИ го смета нападот за „терористички акт“
Во својата прва реакција, гувернерот на Луизијана Џеф Ландри зборуваше за „ужасен чин на насилство“. Градоначалничката ЛаТоја Кантрел истакна дека истрагата сѐ уште е во тек, но дека веќе се зборува за „терористички напад“.
ФБИ, кое ја презеде истрагата, најнапред не говореше за терористички напад но во меѓувреме, како што пренесоа американските медиуми, го категоризираше злосторството како „терористички чин“.
Американските медиуми цитираат изјави на очевидци дека голем автомобил со голема брзина налетал на луѓе на тротоар. Се слушнале неколку истрели.
Мерките за безбедност во Њу Орлеанс неодамна се засилени во пресрет на новогодишната прослава и на важен натпревар во американски кој треба да се одигра денеска во Њу Орлеанс.
Бајден информира за случувањата во Њу Орлеанс
Претседателот на САД, Џо Бајден бил информиран за „страшната вест дека возач убил и повредил десетици луѓе во Њу Орлеанс во текот на ноќта“, соопшти Белата куќа.
Во соопштението се додава дека претседателот е во контакт со градоначалничката на Њу Орлеанс, ЛаТоја Кантрел, за да понуди поддршка.
Нападот во Њу Орлеанс потсетува на неодамнешниот напад со автомобил на божиќниот панаѓур во Магдебург, Германија, во загинаа пет лица, а повеќе од 200 беа повредени ,
DW