Медал на слободата од Бајден за Клинтон, Сорос, Меси и Боно

Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, филантропот Џорџ Сорос и актерот и режисер Дензел Вашингтон ќе бидат едни од добитниците на највисокото цивилно признание во САД, на церемонија во Белата куќа закажана за денеска (4 јануари), објави Асошиетед прес.

Претседателот Џо Бајден ќе го додели Претседателскиот медал на слободата на 19 од најпознатите имиња во политиката, спортот, забавата, граѓанските права, ЛГБТК+ застапувањето и науката.

Белата куќа соопшти дека оние кои ќе го добијат принзнаието дале „пример за придонес за просперитетот, вредностите или безбедноста на Соединетите држави, за светскиот мир или за други значајни општествени, јавни или приватни потфати“.

Постхумно ќе бидат доделени четири медали.

И тоа на Фани Лу Хамер, која ја основаше Демократската партија за слобода на Мисисипи и ги постави темелите за Законот за правото на глас од 1965 година, на поранешниот јавен обвинител Роберт Ф. Кенеди, Џорџ В. Ромни, кој беше гувернер на Мичиген и секретар за станбени прашања и урбан развој, како и на Еш Картер, поранешен секретар за одбрана.

Кенеди е татко на Роберт Ф. Кенеди Џуниор, кандидатот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за секретар за здравство.

Ромни е татко на поранешниот републикански сенатор од Јута, Мит Ромни, еден од најжестоките конзервативни критичари на Трамп.

 

 

slobodnaevropa.mk