Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден одобри голем пакет оружје за Израел во вредност од 8 милијарди долари, кој вклучува муниција за борбени авиони, артилериски гранати и ракети за хеликоптери, објави денес израелската новинска агенција Вала, пренесува Анадолу.
Неименувани извори рекоа дека Стејт департментот на САД неформално го известил Конгресот за договорот за вооружување, кој се очекува да биде последниот пакет на администрацијата во заминување пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари.
Изворите рекоа дека иако дел од опремата може да дојде од постојните американски залихи, за повеќето ќе биде потребно ново производство, а испораката се очекува за неколку години.
Американскиот функционер повторувајќи го ставот на претседателот Бајден за правото на Израел на самоодбрана, продолжи со зборовите:
„Претседателот јасно стави до знаење дека Израел има право да ги штити своите граѓани во согласност со меѓународното и хуманитарното право. Ќе продолжиме да ги обезбедуваме потребните капацитети за одбраната на Израел“.
Овој потег е во спротивност со тврдењата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите сојузници за т.н. „тивко ембарго за оружје“ што го воведе администрацијата на Бајден последните месеци.
Палестинските власти објавија дека повеќе од 45.700 Палестинци се убиени, повеќе од 108.800 ранети во Појасот Газа од почетокот на израелската геноцидна војна во октомври 2023 година.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во Појасот Газа.