Мелони патува во Вашингтон – што може да постигне таму?

Десничарската италијанска премиерка Џорџа Мелони в четврток (17.04) во Вашингтон треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп. Оваа посета ќе се фокусира и на царинскиот спор меѓу САД и ЕУ, јавуваат повеќе новински агенции.

По најавата на патувањето, ситуацијата малку се олабави: Прво, Доналд Трамп најави дека ќе ги суспендира таканаречените „реципрочни царини“ од 20% против ЕУ за период од 90 дена. Тогаш ЕУ објави дека за период од 90 дена ќе ги суспендира и противмерките за веќе воведените цариниза челик и алуминиум, кои беа планирани за оваа недела, затоа што, како што рече претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, сакала да им даде шанса на преговорите.

Мелони сака да зборува за царините
И покрај новонастанатата ситуација, Тереза ​​Коратела, заменик-шеф на канцеларијата во Рим на Европскиот совет за надворешни односи, очекува главната грижа на Мелони да биде преговарањето за царините.

И Коратела и Лео Горети од италијанскиот Институт за надворешна политика (ИАИ – Instituto Affari Internazionali) очекуваат Мелони да се обиде да го искористи своето очигледно влијание и добрите односи со Доналд Трамп за да најде решение за царинскиот спор меѓу ЕУ и САД. Иако Трамп е непредвидлив, потенцира Коратела за ДВ.

Односот на Џорџа Мелони со Доналд Трамп се смета за добар: Мелони беше единствениот европски шеф на влада што присуствуваше на инаугурацијата на Трамп во јануари. При претходната посета на Мелони на Трамп, на неговиот имот во Мар-а-Лаго, тој ја пофали како „фантастична жена“. Во последно време од Рим често се слуша дека сака да преземе улога на „градител на мостови“ меѓу САД и ЕУ.

Каков е пристапот на Мелони?
Пред патувањето во САД, Џорџа Мелони во настап пред економски претставници рече дека го поддржува предлогот на Европската Комисија за нула царини меѓу САД и ЕУ. Таа ќе се чувствува обврзана со овој предлог кога ќе отпатува за Вашингтон, објави новинската агенција Ројтерс, цитирајќи еден нацрт говор.

Пристап за кој се изјасни и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на платформата X минатата недела. Претседателката на ЕК отсекогаш се залагала за договор за нулта царини меѓу ЕУ и САД.

 

DW