Мерц за самитот на Г7: „Поуспешен отколку што мислев“

Оценката на германскиот канцелар за вториот ден од самитот на Г7 звучеше доста охрабрувачки. Според Фридрих Мерц, самитот во Кананаскис, Канада, бил далеку поуспешен отколку што првично мислел – и покрај предвременото заминување на американскиот претседател поради ситуацијата на Блискиот Исток.

А кога станува збор за построги западни санкции против Русија, Мерц смета и на наредните денови: „Се враќам во Германија со претпазлив оптимизам дека во наредните денови во Америка ќе бидат донесени одлуки за воведување на понатамошни санкции против Русија“. Постои согласност дека мора да се направи сè за војната да се заврши што е можно поскоро, додаде канцеларот.

Трамп одбива да ја прифати декларацијата за Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, звучеше малку повнимателно на првиот ден од самитот. Тој зборуваше за милијарди трошоци за САД доколку Вашингтон навистина воведе построги санкции. Тој изјави и дека Европската Унија засега само го најави 18-тиот пакет санкции против Москва.

Забелешката на Мерц дека не само партнерите од ЕУ сакаат да продолжат да ѝ обезбедуваат на Украина неограничена воена поддршка беше исто така доста изненадувачка: „Постои консензус за ова. Не само во Европската Унија, туку и во групата Г7“, заклучи канцеларот кратко пред да се врати во Берлин.

И тука Трамп досега остана нејасен и очигледно не сакал да се согласи со заедничката завршна изјава за ова прашање.

Украина се надева на понатамошна поддршка од САД
Преостанатите членки на Г6 се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Сепак, приватната средба меѓу Зеленски и Трамп, првично планирана за вториот ден од самитот, мораше да биде откажана поради заминувањето на американскиот претседател.

Зеленски им стави до знаење на преостанатите шефови на држави и влади дека украинската дипломатија во моментов се наоѓа во криза и ги замоли шесте преостанати учесници на самитот да го охрабрат претседателот Трамп да го искористи целото свое влијание за да ја заврши војната. Украинецот ќе биде гостин и на самитот на НАТО на крајот од месецот.

Сите седум теми?
Во секој случај, Мерц го пофали единството на Г7, кои постигнаа заедничка завршна декларација за сите седум претходно договорени теми, вклучувајќи ја миграцијата, вештачката интелигенција и трговијата со стоки како што се ретките руди и суровини. „Беше многу колегијално, многу отворено и никогаш конфронтативно. Разменивме различни мислења и дојдовме до заеднички заклучоци“, рече канцеларот, додавајќи дека е многу задоволен од тоа.

Се чини како Мерц да успева да го заобиколи фактот што завршната изјава за Иран не содржеше формулација за напорите за наоѓање „дипломатско решение“, на што германскиот канцелар првично се надеваше.

По Канада, Франција го презема претседавањето со Г7. Следниот самит е закажан за 2026 година во Евиан, на Женевското Езеро.

 

DW