Мерц: Трамп е „клучна фигура“ за мировно решение во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп го пречека германскиот канцелар Фридрих Мерц во Овалната соба во Вашингтон, на средба со медиумите која со нетрпение беше очекувана. Трамп беше нагласено пријателски расположен, пофалувајќи го Мерц за неговиот добар англиски јазик и во голема мера избегнувајќи потенцијално спорни теми.

Американскиот претседател генерално беше позитивен во поглед на зголемените трошоци за одбрана на Германија. „Знам дека сега трошите повеќе пари за одбрана – доста повеќе. Тоа е позитивна работа“, рече тој.

Тој одби да коментира за конкретни проценти, велејќи дека сè уште не разговарал за ова со Мерц. Во исто време, републиканецот ги наведе историските загрижености околу германското вооружување. Кога некој денес му кажува дека Германија засилено инвестира во одбраната, тој понекогаш се прашува: „Дали тоа е добра или лоша работа?“ Сепак, генерално, тој верува дека развојот на настаните е точен – „барем до одредена точка“, рече Трамп.

Односот со Германија е „многу важен“
На почетокот од средбата, Трамп му честиташе на Мерц за неговата изборна победа, нарекувајќи го канцеларот „многу почитуван човек“ кој победи на „одлични избори“, изразувајќи задоволство поради средбата со него. Според Трамп, Мерц е „тежок“, но одличен претставник на Германија и ќе постои „одличен однос“ со Германија.

Мерц, кој ретко зборуваше за време на средбата, ги нагласи сличностите меѓу двете земји и му понуди на Трамп тесна соработка. „Имаме толку многу заедничко во нашата историја. Многу им должиме на Американците. Никогаш нема да го заборавиме тоа“, истакна канцеларот.

Ќе има ли нови санкции
Во врска со војната во Украина, Трамп рече дека, како и тој, Мерц би сакал да види крај на борбите. И двајцата се незадоволни што ова во моментов не е на повидок. Но, во одреден момент, „крвопролевањето“ ќе заврши, оптимистички изјави претседателот. Тој го повтори своето убедување дека рускиот претседател Владимир Путин ја сака цела Украина, но „тоа нема да се случи“. Трамп ја спореди војната во Украина со детска караница и рече: „Можеби прво треба да ги оставиме да се борат“.

Трамп повторно избегна да го критикува Путин за неговата агресорска војна и не одговори директно на прашањето дали е подготвен да воведе нови санкции против Русија, подвлекувајќи дека тој е оној што го запрел контроверзниот гасовод „Северен тек 2“ до Балтичкото Море, и нагласи дека САД располагаат со многу нафта и гас, за што тој и Мерц ќе разговараат подоцна. Во врска со санкциите, Трамп најави дека ќе заземе цврст став ако војната не заврши, но тоа ќе влијае на двете страни. Кога беше прашан, американскиот претседател потврди дека сака со Мерц да разговара и за присуството на десетици илјади американски војници во Германија. Ова е добро и за економијата на Германија, рече тој, бидејќи вклучува добро платени војници. Односот со Германија е „многу важен“.

Мерц пак, ставајќи се јасно на страната на Украина, го повика Доналд Трамп да соработува со Германија и Европа за да се стави крај на руската агресорска војна против Украина. САД се „во многу силна позиција да преземат акција во оваа војна и да ја завршат”, а Трамп е „клучна фигура“, продолжи Мерц. „Се согласуваме колку е ужасна оваа војна и бараме начини да ја завршиме“. Тој е дојден да разговара за тоа што може да се направи заеднички за да се постигне оваа цел: „Подготвени сме да направиме сè што можеме“.

На почетокот од разговорот, канцеларот му се заблагодари на Трамп за гостопримството и му подари факсимил од изводот од матичната книга на родените на дедото на Трамп од Германија.

 

 

DW