Милановиќ не даде согласност хрватската армија да учествува во мисија за поддршка на Украина

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ не даде согласност на предложената владина одлука за учество на припадници на хрватската армија во мисијата за поддршка на Украина, соопштено е на 1 октомври.

„Хрватска на кој било начин не може значително да влијае на војната во Украина, ниту може да ја запре. Но, со промислена и одговорна политика на државните органи, може да го спречи ширењето на војната кон хрватските граници и да обезбеди мир и безбедност за сите хрватски граѓаните“, рече Милановиќ додавајќи:

„Затоа одбив да дадам претходна согласност за одлуката за учество на хрватската армија во мисијата за поддршка на Украина“, изјави Милановиќ, а пренесе прес-службата на претседателот на Хрватска.

На веб-страницата на претседателот на Хрватска, се наведува дека хрватската Влада преку министерот за одбрана побарала од претседателот и врховниот командант на вооружените сили претходна согласност за предложените одлуки за учество на хрватските војници во мисии, операции и активности на НАТО алијансата, Европската унија и Обединетите нации.

 

slobodnaevropa.mk