Милатовиќ денеска ја презема должноста претседател на Црна Гора

На 20 мај, напладне, новоизбраниот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, ќе положи заклетва и ќе ја преземе должноста претседател на државата.

На инаугурацијата, односно на церемонијата на полагање заклетва што се одржува во Собранието на Црна Гора, ќе присуствуваат околу 200 државници, меѓу кои претставници од регионот, амбасадори и специјалниот пратеник на САД, Габриел Ескобар, објави slobodnaevropa.mk.

На церемонијата ќе присуствуваат и пратеници од црногорскиот парламент, претставници на Владата, правосудните органи, како и поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кого Милатовиќ убедливо го победи во вториот круг од претседателските избори на почетокот на април.

Од утрото е блокиран поширокиот центар на Подгорица, како и патот до аеродромот.

Претседателот се избира на пет години, а сите претходни инаугурации беа во Цетиње.

Триесет и седумгодишниот Јаков Милатовиќ е првиот претседател кој не е од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ, која владееше три децении, до август 2020 година, кога ги загуби изборите.

Милатовиќ е еден од лидерите на Движењето Европа сега, основано пред една година. Тој во политиката, пак е од пред три години кога беше назначен за министер во првата влада избрана по падот на ДПС од власт.

Во претседателската трка тој беше поддржан од владејачките партии, прорускиот Демократски фронт, Демократите и од Граѓанското движење Ура.
Од почетокот на 90-тите, Ѓукановиќ шест пати бил премиер и два пати претседател на Црна Гора.

извор:slobodnaevropa.mk
фото:slobodnaevropa.mk