Миле(101) и Јулија(95) од Хрватска во брак се 73 години, се венчаа во Скопје

Миле и Јулија Кнежевиќ имаат брак со кој се гордеат и се пример за тоа како треба да изгледаат сложни сопружници.

101-годишниот маж и 95-годишната жена од Хрватска стапија во брак пред 73 години во Скопје и сè уште ги негуваат љубовта и почитта еден кон друг.

Својата љубовна приказна тие ја раскажаа во интервју за HRT, откривајќи дека кога се венчале, како сведоци ги имале само нивните кумови.

„Ова е нашата прва фотографија од венчавката. Ние имавме само кумови. Никој не беше со нас. Кога се заврши церемонијата, отидовме сами во Домот на армијата. Се венчавме во Скопје, а потоа се почестивме со кафе и колач. Потоа отидовме дома, а за ручек нè повика кумата на грав. Јадевме само грав и ништо друго. Ние веќе имавме стан, сопругот го доби. Отидовме дома да одмориме и како што знаете веќе, да водиме љубов. Што друго да правиме?“ – вели Јулија

Парот признава дека живееше тежок живот, но полн со слога и разбирање. „Живеевме тежок живот, бевме сами. Од никого ништо не добивме. Кумот ни подари канта за вода, а од другите ништо и живеевме така скромно. Тие веќе беа во брак и имаа деца. Нас таа среќа нè заобиколи, па не добивме деца“ – дополнила Јулија.

Миле тврди дека никогаш не ја навредил Јулија и дека не ѝ кажал лош збор.

„Не се сеќавам во овие 73 години заеднички живот да ѝ кажав лош збор. А уште помалку да кренам рака“ – рекол тој.

Тие ги решаваат сите проблеми со разговор и разбирање.

 

 

 

femina.mk