Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ е избран за претседател на Српската напредна партија (СНС) по оставката на претходниот лидер – претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
По седницата на собранието на СНС во Крагуевац, Вучевиќ најави дека партијата ќе учествува во формирањето на Народното движење за државата.
– СНС го поддржа предлогот на поранешниот претседател на партијата и претседателот на државата (Александар Вучиќ) да учествуваме во формирањето на Народното движење и мислам дека, по тоа прашање, многу поконкретно ќе можете да видите на крајот на јуни, рече Вучевиќ.
Според него, тој очекува на 24 јуни да се избере ново партиско раководство.
– Тогаш, верувам, до крајот на јуни ќе се приклучиме на големото, патриотско народно движење. Движење кое го сфаќаме како повик и зајакнување на тој политички фронт за одбрана на нашата татковина во многу тешки времиња, изјави Вучевиќ. Тој му се заблагодари на Вучиќ за поддршката за неговата кандидатура за претседател на СНС, наведувајќи дека „отвораат ново поглавје во својата книга“.
– Нашата политика нема да се промени. Остануваме партија која е мотор на развојот на нашата татковина, но и партија која ги чува и негува традиционалните вредности на српскиот народ, на сите граѓани на Србија, рече Вучевиќ.
Тој посочи дека СНС ќе биде најсигурен партнер на претседателот на Србија Александар Вучиќ.
извор: Либертас