Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска потврди дека министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, е лишен од слобода, јавува Анадолу.
Во истрагата што ја спроведува Обвинителството на Босна и Херцеговина заедно со Дирекцијата за организиран криминал на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, на 26 декември во предметот за корупциски кривични дела, по наредба на обвинител лишени од слобода се Ненад Нешиќ, министерот за безбедност во Советот на министри на БиХ, Милан Дакиќ, директорот ЈП Патишта на РС, Младен Лучиќ и уште четири лица.
„Тие се сомничат дека како управители на ЈП Патишта на РС и лица кои работеле со наведената фирма, сториле кривични дела – здружување заради извршување кривични дела, перење пари, злоупотреба на службената положба или овластување и примање мито“, се вели во соопштението на Обвинителството на БиХ.
Се додава дека Обвинителството на Босна и Херцеговина за понатамошниот тек на истрагата дополнително ќе ја информира јавноста.