Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска одржа тематска прес-конференција посветена на вчерашната трагедија во Кочани. Изразувајќи искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, тој нагласи дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети стои на располагање и активно работи на обезбедување неопходна помош и поддршка.
Министерот истакна дека уште во утринските часови вчера беше формиран Кризен штаб, кој го координира процесот на испраќање на повредените македонски граѓани на лекување во странство. Воедно, тој оствари телефонски разговори со неговите хомолози од Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Турција, Црна Гора, Холандија, Косово, Малта, Унгарија, Израел, Албанија, Босна и Херцеговина и Словенија, како и со господинот Ричард Гренел, во име на администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, кои понудија поддршка и помош за справување со кризата.
Воедно, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека во секоја земја каде што се испратени пациенти на лекување е назначено контакт-лице, достапно 24 часа за родителите и семејствата на пациентите за било каква помош и поддршка. Контакт-листата е јавно објавена на веб-страницата на Министерството.
Министерот Муцунски додаде дека на седница на Владата ќе предложи Службата за општи и заеднички работи да ги покрие трошоците за пат и престој во странство на членовите на семејствата на македонските пациенти што се лекуваат во странство.
Дополнително, беше истакнато дека, покрај директната комуникација со секоја земја, Министерството го активираше и механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, кој овозможува координација на помошта помеѓу сите земји членки. Во следните денови се очекува помош во форма на материјално-технички средства и стручна поддршка од медицински лица.
а1он.мк