Митева: Владата го задолжи МП да покрене постапка за разрешување на Државниот ЈО и ги ограничи маржите на цените за 10 проценти

Дозволете ми да ги соопштам одлуките од денешната 50та седница на Владата.

Владата го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на Државниот јавен обвинител. Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава.

Дозволете ми да објаснам кои беа аргументите позади кои беше донесена оваа одлука. Најпрво се отвори расправата за последниот Индекс на транспарентност кој беше објавен денес и каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството. Дополнително последното именување за вршител на должност Шеф на Вишото Јавно обвинителство во Скопје е одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишана во Законот за јавното обвинителство.

Како втора точка и во однос на актуелната состојба со покачените цени на производите во маркетите, а врз основа на доставениот извештај од Државниот пазарен инспекторат, Владата ги донесе следните заклучоци и одлуки:

Владата го задолжи Министерството за економија да ја донесе следната предлог мерка, Одлука за 10 проценти ограничување на маржата во трговија на мало и 10 проценти во трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници. Но, истата да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите и плус да се дополни со бебешка храна, и други непрехранбени производи кај која е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните. Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи. Оваа мерка е предвидено да трае од денот на донесување, што се очекува да биде за многу брзо од денес и да трае заклучно до 30.04.2025 година.

Влада им препорачува на сите маркети да започнат процедура за транспарентно објавување на цените на сите производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа. Целта на оваа препорака е да придонесеме поголема транспарентност од каде граѓаните сами ќе можат да одлучат во кои од маркетите ќе пазарат, да ја видат разликата во цените, а цениме и дека ваквиот пристап кој има карактер на препорака, а не на ограничување ќе придонесе кон некое усогласување на самите цени на производите.

Дополнително Владата го задолжи и Министерството за економија и труд да организира итен работен состанок со сите надлежни институции како што се Државниот пазарен инспекторат, министерствата за финансии и земјоделие, КЗК и други кај што ќе може да се разгледуваат и други предлози и мерки коишто ќе имаат долгорочно решавање на оваа состојба.

Исто така, се донесе и Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година во која се предвидува лицата коишто ги исполнуваат условите коишто се предвидени во оваа програма, да се стекнат со финансиска поддршка и тоа намалување на месечна сметка за потрошена електрична енергија од илјада денари во времетраење од 12 месеци.

 

 

denesen.mk