Додека владата не кажува апсолутно ништо за тоа што ќе преземе државата во насока на смирување на инфлацијата која ги осиромашува граѓаните, додека не кажува дали и какви мерки презеле македонските компании да го преживеат овој период, додека не кажува дали и какви мерки ќе преземат за обезбедување на основните намирници во рамки на стоковите резерви народот бара одговори и одговорност, истакна портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Марија Митева.
Во продолжение ја пренесуваме прес конфренцијата во целост:
Сосема легитимно се поставува прашањето дали во неколку склада на нафтени складишта во Македонија не се променети нафтените деривати повеќе од 5 години?
Дали тоа значи дека истите доколку бидат пуштени во промет ќе бидат со изгубени хемиско-физички својства односно со изгубен квалитет?
Владата треба да одговори колкава количина на нафтени деривати има и за колку дена непречено ќе се овозможи стабилна потрошувачка во Македонија?
Владата треба да одговори и што направила во врска со неопходните залихи на гориво и дали во земјава има доволно?
Согласно растот на цената на нафтата на светските берзи, дополнително согласно проблемите со транспорт на нафтата до побарувачите, владата изминативе 4 месеци не превземала ништо да обезбеди стабилност на резервите иако согласно нивните изјави знаеле за воените дејствија кои ќе се случат во Украина.
Особено после целата неизвесност која ја чувствуваат граѓаните за основните прехранбени продукти, владата задолжително треба да одговори колку се стабилни нафтата и нафтените деривати и на истото да не одговара со веќе видени изјави дека станува збор за класифицирани информации, туку да одговори конкретно дали се преземаат мерки и дали стоковите и нафтените деривати се стабилни.
Имено, владата треба да предвиди дека од досегашниот тек на настаните цените на нафтените деривати дополнително имаат тенденција на раст, а со тоа ќе растат и цените во малопродажба што ќе предизвика огромен економски шок за граѓаните и компаниите.
Доколку власта на Ковачевски нема идеја што да направи, нека земе нека ги имплементира предлозите на ВМРО-ДПМНЕ.
Како партија апелираме владата веднаш и без одлагање да ги прифати поднесените барања за намалување на вкупните акцизи на горивата за 50%.
Сосема е јасна и оправдана недовербата на граѓаните во владата која не превзема никакви мерки, затоа што ненавременоста ја чини државата стотици милиони денари, затоа што сме држава со најнизок стандард, а со најголема сиромаштија.